Австрискиот тенисер, Доминик Тим кој е еден од најдоброрангираните светски играчи во моментов не сака финансиски да ги помага послаборангираните тенисери. Тој ова индиректно го кажа во интервју за австриски „Kronen Zeitung”.
Тим кој моментно е трет на АТП ја истакна „непрофесионалноста“ на одредени послаборангирани тенисери како причина за својата одлука.
„Никој од послаборангираните тенисери не мора да се бори за живот. Сум видел играчи на ИТФ турнирите кои не се посветени на овој спорт 100-отстотно. Многумина од нив се поприлично непрофесионални. Не гледам причина зошто би им давал пари“ – рече Тим.
Предлогот да им се помогне на послаборангираните играчи го потегна Новак Ѓоковиќ, во соработка со Рафаел Надал и Роџер Федерер.
„Попрво би им донирал пари на луѓето во установите на кои навистина им е потребно. Сите мораме да се бориме за да бидеме тука каде што сме“ – вели Австриецот.