Италијанскиот весник „Тутоспорт“ денеска објави дека на клупата на Јувентус на лето може да седне стратегот на Челси, Италијанецот Маурицио Сари, додека пак неговото место ќе го заземе тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг.
Според пишувањето на весникот, прв избор за челниците на „Старата дама“ за кормилото на клубот беше Пеп Гвардиола, но тој летоска нема намера да ја менува средината.
Иако доаѓањето на Сари во Торино барем засега е само идеја, од „Тутоспорт“ уверуваат дека челниците на италијанскиот шампион ќе се обидат да го донесат во клубот.
Овој 60-годишен стратег три години го водеше Наполи и двапати завршуваше зад Јувентус. Неговото место кај „сините“, според пишувањата, би требало да го заземе Тен Хаг кој со Ајакс несреќно беше елиминиран во полуфиналето на ЛШ од Тотенхем.