Ракометниот првак на Европа, скопски Вардар ги започна подготовките за новата сезона под водство на новиот тренер, Шпанецот Давид Писонеро. Освен него првпат во салата „Јане Сандански“ се појавија и шестмината новајлии во „црвено-црниот“ тим.
Вардар оваа сезона ќе треба да брани дури 4 трофеи, во првенството на Македонија, во Супер купот на Македонија, во СЕХА Газпром лигата и оној највредниот, во ЕХФ – Лигата на шампиони.
Нови имиња во тимот се Димитар Димитриоски, Павел Атман, Жозе Гиљермо Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис и Домен Сикошек Пелко.
Според информациите од Управата на клубот, екипата од 24 јули до 2 август ќе тренира во Скопје, по што на 2 август играчите и стручниот штаб заминуваат за Требиње, БиХ каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на ракометен турнир.
По враќањето од БиХ, „црвено-црните“ ќе тренираат во Скопје се до заминување во Саудиска Арабија, на Супер Глоуб кој ќе се одржи од 27 до 31 август.
Фото: РК Вардар