Поранешниот српски кошаркарски репрезентативец, Владимир Штимац, актуелен кошаркар на Турк Телеком на 16 дена пред почетокот на Мундобаскетот емотивно зборува за претстојното СП. Штимац со Србија освои олимписко сребро во 2016, светско сребро во 2014 и европско сребро во 2017.
„Треба да ги пуштиме момците самите да се борат. Без притисок на медиумите и јавноста. Злато? Па јас тоа најмногу го сакам. Некој да ми каже, ќе бидеме светски прваци, ама ти да умреш, јас би рекол – може, нема проблем. Тоа звучи лошо, ама јас ете толку многу го сакам тоа“ – рече Штимац за „Моцарт спорт“.
Штимац за оваа српска репрезентација вели дека ја краси семејството.
„Ова е нашата најјака екипа во последните 20 година. Имам позитивни мисли, знам како Сале ќе го направи сето тоа. Ние го имаме она што 99% од другите кошаркарски земји го немаат – семејството“ – вели Штимац.
Корпулентниот кошаркар вели дека одвај чека да види како центарот Никола Јокиќ ќе се снајде во репрезентативниот дрес.
„Одвај чекам да го видам Јокиќ. Го следев цела сезона, таков играч не постои. На истата позиција сме, тој има нешто што никој друг нема. Тој е плејмејкер заробен во тело на центар. Одличен играч“ – смета кошаркарот.