Најтрофејниот кошаркарски тренер во Европа, Србинот Жељко Обрадовиќ има многу проблеми со својот Фенербахче сезонава. Тој со својот тим е во сериозна резултатска криза,па на големо се зборува за негово заминување од Истанбул.
Дел од српските медиуми денеска изнесоа информација дека деветкратниот кошаркарски шампион на Европа на крајот на сезоната го напушта Фенер, а наводно негова следна дестинација е екипата на Лондон Тауерс.
Првиот човек на Евролигата, Жорди Бартомеу многупати досега најави дека целта е клуб од Велика Британија да има во најквалитетното кошаркарско натпреварување во Европа. Најавите се дека Лондон Тауерс ќе се натпреварува од сезоната 2020/2021.
Со оглед на фактот што мора да ја привлечат публиката во Англија, мораат да доведат големи имиња кои ќе помогнат во популаризацијата на кошарката на Островот.
Како втор кандидат за местото тренер на екипата се споменува и Еторе Месина.