Настанот ќе биде составен од три трки во планинско трчање кои во текот на целиот викенд ќе се одвиваат на планината и националниот парк Галичица. Првпат во овој регион една од трките која ќе се организира ќе има должина од 100 километри со старт и финиш во Охрид.
Останатите две дистанци се минатогодишната 62-километри долга трка со старт од Св. Наум која минува низ целиот гребен на Галичица и финишира во Охрид, а организаторите припремија и пократка трка од 18 километри за љубителите на побрзи трки и соодветна за оние кои се запознаваат со планинското трчање.
Минатата година „Охрид Треил” го имаше своето премиерно издание со две трки од 60 и 35 километри на кои учествуваа 140 учесници. Овие настани претставуваат нова гранка во авантуристичкиот туризам нудејќи колективна тура низ планински терен со посебен акцент на компететивност, колегијалност, другарување, запознавање, мулти-културализам и чувство за себенадминување.
Засега, „Охрид Ултра-Треил” ќе биде единствена трка со должина од над 100 километри во календарот нашата држава.
Пријавите ќе бидат отворени во првата половина од декември на официјалната веб-страна www.ohridtrail.com.