Легендата на американскиот тенис, Андре Агаси во ексклузивно интервју за швајцарскиот „Блик“ вели дека е импресиониран од тоа што Роџер Федерер уште е на АТП турнејата, но дека уште поимпресивна е неговата работа во добротворни цели преку неговата фондација.
„Одлично е да се види дека Роџер мисли глобално, а не само за себе. Тоа му оди одлично и добро е што го ценат и за други работи. Се надевам дека Роџер ќе остане уште долго на тенискиот терен, но кога ќе дојде крајот, тој доаѓа бргу. Како што одат годините, времето за физичко опоравување е подолго и потешко и тој мора да биде внимателен со неговите одлуки. Затоа беше умен и не играше во сезоната на земја. Јас играв до 36 години, но тогаш веќе ништо не беше можно физички и телото ми кажа: ’Доста е!’. Други спортови се побрутални од тенисот за телото, но предизвикот во тенисот е уникатен – промена на подлоги, временски услови, различни континенти… Дефинитивно не е лесно“, вели Агаси.
Агаси исто така коментираше за својата кратка „авантура“ како тренер на светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ.
„Новак беше благодарен за моите совети, но не веруваше во тоа што го кажував, така што не можев да направам ништо. Искуството да го запознаам беше одлично, но кога чувствуваш дека ќе направиш повеќе штета отколку што ќе помогнеш, нема смисла да остануваш. Немаше вистинска соработка. Се согласивме да не се согласуваме. Неговата лоша физичка подготвеност не помогна и тој не сврза два дена во кои беше здрав“, објаснува Агаси.
Фото: ЕПА