Top Sport

„Ако биде како Федерер на 37 години, Новак ќе биде најдобриот на сите времиња“

Поранешниот тенисер, специјалист за дубл, Патрик Мекинро е уште еден од низата стручњаци што ја коментирала борбата за најдобриот на сите времиња.

Јавноста не може да се реши кој од тројцата (Федерер, Надал, Ѓоковиќ) може да го однесе приматот. Се согласуваат во едно дека ерата во која играат и доминираа овие тројца е најдобра во историјата на тенисот.

Федерер е миленик на фановите насекаде низ светот и има најмногу гренд-слем титули (20), Надал е втор со 18, а Ѓоковиќ трет со 16. Статистиката покажува и дека Федерер има најслаб скор со овие двајца, додека Ѓоковиќ има подобар меѓусебен скор и од Федерер и од Надал.

„Федерер има 38 години, а игра на толку високо ниво и со таков интензитет четири и пол часа. Тоа е неверојатно. Доколку Ѓоковиќ биде способен да направи нешто такво за пет години тогаш тој ќе биде најдобриот на сите времиња, бидејќи ќе освои најмногу гренд-слем титули. Неговата способност да остане мирен кога се игра тај-брејк е сјајна“, рекол Патрик Мекинро.

Ѓоковиќ во моментов се наоѓа во Марбља каде се подготвува за мастерсот во Синсинати. Тој и Федерер нема да играат на Роџерс купот во Монтреал, каде прв носител ќе биде Надал.

Scroll to Top