Актуелниот шампион на Ролан Гарос, Карлос Алкараз и најтрофејниот шпански тенисер на сите времиња, Рафаел Надал, на Олимписките игри ќе играат во двојки, потврди селекторот на Шпанија, Давид Ферер.
Освен Надал и Алкараз, Шпанија во Париз ќе ја претставуваат Пабло Карењо Буста, Алехандро Давидович Фокина и Марсел Гранољерс во машка конкуренција.
Карлитос е во врвна форма, неодамна го крена трофејот на Ролан Гарос и е полн со самодоверба и ќе биде интересно да се види како ќе функционира неговото партнерство со Надал кој полека ги брои последните месеци од кариерата.
Тенискиот турнир во Париз кој ќе се одржи на терените на Ролан Гарос започнува на 27 јули и ќе трае до 4 август.
„Подлогата им одговара на нашите тенисери. Надал немаше среќа во првото коло (РГ) бидејќи против себе имаше поподготвен играч, но сигурно ќе биде кандидат за медал. Можеме да освоиме два или три медали“, вели претседателот на Шпанската тениска федерација, Мигел Дијаз.