Top Sport

Алкараз со фуриозна победа во првото коло на Вимблдон го прати Шарди во пензија

На светскиот рекет број 1 и прв носител, Карлос Алкараз му беа потребни помалку од два часа да го помине првото коло на Вимблдон, совладувајќи го Французинот Жереми Шарди со 6:0/6:2/7:5 на Теренот број 1, еден од двата терени на кои се игра поради дождот во Лондон.

Алкараз, кој е најмлад прв носител на Вимблдон по Борис Бекер во 1987 година, започна неверојатно, освојувајќи го првиот сет за 22 минути, за да има 2:0 водство по еден час игра. Во третиот сет, Шарди беше посериозен противник, но Алкараз направи брејк за 6:5 водство и потоа го комплетираше мечот.

„Играв одлично на почетокот на мечот, но тој потоа го крена нивото. Сакам да играм долги поени, да се борам на теренот, така што тоа не беше проблем за мене и среќен сум што го поминав првото коло. Не е голема промена тоа што игравме под покрив, важно е да останам концентриран“, изјави Алкараз.

Алкараз неодамна ја освои својата прва титула на трева во кариерата, триумфирајќи на елитниот Квинс клаб турнир. За 36-годишниот Шарди, пак, ова беше последен меч на Вимблдон, откако најави повлекување од тенисот.

Scroll to Top