Top Sport

Алпската кралица Вон во пензија по Мундијалот

Линдзи Вон, една од најдобрите скијачки во историјата, објави дека ќе се повлече од спортот по Светското првенство во шведскиот Оре, откако обидот за кам-бек оваа година беше одбележан со маки поради повредите.

34-годишнаа ветеранка е дел од американскиот тим за СП од 5 до 17 февруари.

„Моето тело ми вреска СОПРИ, и време е да послушам. Во овој момент, артритисот е најмалата грижа и се надевам дека ќе скијам со моите деца кога ќе остарам. Секогаш работев напорно, се борев со секој проблем бидејќи едноставно го сакам скијањето. Никогаш не сум зажалила за моите повреди, за терапиите, за подготовките и за болката, бидејќи вредеше“, напиша Вон.

Американката е носител на рекордни 82 победи од Светскиот куп, а освои и олимписко злато во спуст во 2010 година, се мачеше со повредите на коленото и се жалеше на силни болки по супер-џи трката во Кортина Д’Ампецо на 20 јануари, велејќи дека тоа е можеби нејзината последна трка.

Вон останува само зад легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк, кој во кариерата победи 86 пати и таа објасни дека тоа ја „боли најмногу“.

„Можам да се вратам кон 82 победи од Светскиот куп, 20 титули од Светскиот куп, три олимписки медали, седум медали од СП и да кажам дека го направив тоа што никоја жена пред мене го можеше“, изјави Вон.

Фото: ЕПА

Scroll to Top