Top Sport

Американската гимнастика во хаос – Рајсман обвини за сексуална злоупотреба

Трикратната олимписка шампионка во гимнастика, Американката Ели Рајсман обвини дека била сексуално злоупотребувана од долгогодишниот доктор на тимот, Лери Насар.

Рајсман е втора членка на „Фирс фајв“ (суровата петорка), гимнастичкиот тим кој доминираше на Олимпијадата во Лондон во 2012 година, која го обвинува Насар, откако минатиот месец Мекајла Мароуни изјави дека неколку пати била злоупотребувана. Трета олимпијка, освојувачка на бронзен медал од Сиднеј 2000, Џејми Данчер исто така го обвини Насар за злоупотреба.

Рајсман своето признание го даде на ТВ емисијата „60 минути“. Александра Ели Рајсман беше капитен на олимписките тимови на САД во 2012 и 2016 година.

„Лута сум. Навистина сум вознемираена. Ги гледам тие млади девојки кои доаѓаат и ми бараат автограми и фотографии. Сакам да направам промена за тие никогаш да не мораат да го искусат тоа што јас го поминав“, вели Рајсман.

Насар беше тимски доктор на американскиот тим речиси 20 години, почнувајќи од 1996 година. Тој беше отпуштен од Американската федерација во 2015 година, по што тие го известија ФБИ, но по пет недели чекање. Рајсман е критична кон водството на федерацијата.

„Не е важно дали си на Олимпијада или имаш осум години и одиш на тренинг во Охајо. Секој е важен и сакам американската гимнастичка федерација да завршува подобра работа“, вели Рајсман.

Гимнастичарката Мароуни обвинува за сексуална злоупотреба

Scroll to Top