Петнаесетгодишната американска тениска сензација, Коко Гоуф е една од осумте тенисерки кои добија посебна покана за учество на последниот гренд-слем турнир сезонава, УС-Опен кој на 26 август почнува во Њујорк.
Гоуф направи одлична работа на Вимблдон каде стана најмладата тенисерка на гренд-слем турнирите која се квалификуваше за главниот турнир, а подоцна стигна и до осминафиналето.
Гоуф на својот пат во Велика Британија беше подобра и од петкратната освојувачка, Венус Вилијамс.
Освен неа, покана добија и Саманта Стошур, како и младите таленти Кати Мекнали, Витни Осуигве, Кејти Волинец, Дајан Пери, Франческа ди Лорензо и Кристи Ен.
Поранешниот „топ 10“ тенисер, Џек Сок ќе ја предводи листата на тенисери кои добија покана за УС-Опен. Американецот ја пропушти речиси цела сезона поради повреда, а минатата година славеше на гренд-слемот во Њујорк во двојки заедно со Мајк Брајан.
Освен него влез со покана во главната жрепка обезбедија Ернесто Ескобедо, Бјорн Фратанџело, Маркос Гирон, Крис Убанкс, Захари Свајда и Ентоан Хоанг.