Американскиот тенисер Кристијан Херисон доби казна од 3.000 долари од АТП турнејата откако одби да даде интервју по крајот на мечот на Делреј Бич опен на Флорида, бидејќи тоа значеше дека мора да носи маска.
26-годишниот квалификант, кој е 789. на АТП листата го совлада првиот носител, Чилеанецот Кристијан Гарин со 7:6(3)/6:2 во саботата за прва победа над топ 50 тенисер во кариерата, но изрично одбива да носи маска.
„Доволно сум здрав да играм тенис три меча, но кога ќе одам во ресторан без маска, тогаш сум најголема закана за безбедноста“, вели Херисон.
Тој подоцна стигна до своето прво полуфинале во кариерата, победувајќи го Џанлука Магер со 7:6(2)/6:4.
„Не е здраво да се носи маска на сонцето по тежок меч. Мислев дека носењето маска на интервју е доброволно и не знаев дека ќе бидам казнет. Каква опасност сум кога давам интервју пред микрофон без никого околу мене. Не поддржувам носење маска само да се појавам на ТВ“, додава Херисон.