Беше само прашање на момент кога некој ќе побара одложување на Олимписките игри ова лето во Токио, Јапонија. Првиот потег го повлече – пливачкиот тим на САД.
Тие побараа Олимпискиот комитет да ги одложи игрите планирани за периодот од 24 јули до 9 август, поради пандемијата на коронавирусот во светски рамки.
Во соопштението објавено на сајтот на Олимпискиот и параолимпискиот комитет на САД стои дека на прво место е здравјето на спортистите, но притоа да не се одземе правото на никого кој е во зенитот на кариерата да се бори за олимпискиот медал.
„Разбираме дека спортистите се загрижени поради тренинзите, квалификациите и анти-допинг контролата и дека бараат транспарентност, комуникација и разјаснување на моментната ситуација до крајна мерка. Комитетот јасно става до знаење дека спортистите своето здравје треба да го имаат пред се друго“ – се вели меѓудругото во соопштението.
Од Олимпискиот комитет уверуваат дека ја следат целата ситуација и порачуваат дека е прерано да се донесуваат конечни заклучоци за датумот кога Игрите треба да започна. Главниот одбор на ОК ќе заседава наредната недела и ќе се разговара за ефектите на моментната ситуација врз спортистите и нивната околина.