Бјанка Андреску стана најмладата гренд слем шампионка по Марија Шарапова во 2006 година, откако со 6:3/7:5 во финалето на САД опен ја победи Серена Вилијамс, за да ја спречи американската ветеранка да стигне до рекордна 24-та гренд слем титула.
19-годишната тинејџерка стана првата тенисерка од Канада со гренд слем титула, откако изненадувачки лесно ја совлада Вилијамс, за која ова е четврти пораз во низа во гренд слем финале. Андреску исто така се израмни со Моника Селеш, како тенисерка која стигна до гренд слем титула во својот четврти гренд слем.
Вилијамс го загуби првиот гем со две последователни двојни сервис-грешки на „Артур Еш“ и тоа го постави тонот на мечот и Андреску ги искористи сите грешки на противничката поведувајќи со 1:0 во сетови. Во вториот сет, Канаѓанката водеше со 5:1, пред Серена да израмни на 5:5, но потоа тинејџерката направи брејк за да ја оствари најголемата победа во кратката кариера.
„Чувствував многу, многу работи пред мечот, како никогаш досега. Играв во финале во Њујорк против Серена. Се обидував да дишам длабоко од моментот кога станав утрото. Истото го правев цел меч, ги држев нервите. Знам дека публиката сакаше Серена да победи, и жал ми е. Но, мене оваа година ми се оствари сонот“, вели Андреску, која пред само една година не успеа да се квалификува за турнирот на Флешинг Медоуз.
Тинејџерката загуби само два сета на целиот турнир, комплетирајќи ја неверојатната сезона во која исто така ја освои титулата од Торонто и од Индијан Велс.
Овојпат, за разлика од ланското расправање со судијата при поразот од Наоми Осака, Вилијамс беше грациозна во поразот.
„Ја сакам Бјанка, таа е прекрасна девојка. Но, мислам дека ова е најлошиот меч за мене на турнирот и тешко е кога знаеш дека си можел подобро. Бјанка одигра одлично, знае како да постави притисок на твојата игра. За мене нема изговор за ваков пораз“, изјави Серена.