Top Sport

Анонимниот Гастон го „суреди“ Вавринка, Надал како „воз“ преку Траваља

Иго Гастон, 239-рангираниот тенисер на светот, успеа да го елиминира шампионот од 2015 година, Стен Вавринка во третото коло на Ролан Гарос, додека „кралот“ на земја, Рафа Надал немаше мака против Италијанецот Стефано Траваља.

20-годишниот Французин Гастон, пред овој меч немаше ниту одиграно тениски дуел со топ 50 тенисер, но по 3 часа и 14 минути успеа да го победи швајцарскиот ветеран со 2:6/6:3/6:3/4:6/6:0. За него сега следува уште потежок предизвик – пресметка со шампионот од САД опен и еден од фаворитите за титулата во Париз, Австриецот Доминик Тим.

Со неговиот пласман, необичниот Ролан Гарос стана уште понеобичен – двајца тенисери надвор од топ 200 се во четвртото коло – Американецот Себастијан Корда (213) и Гастон (239).

Рафаел Надал, пак, немаше никаков проблем против 74-рангираниот Траваља, победувајќи со 6:1/6:4/6:0 за само час и 34 минути – првиот сет траеше само 25 минути, а третиот 26 минути! Надал во следното коло игра токму со Американецот Корда.

Кај дамите, домашните фанови имаат на што да се надеваат, откако Каролине Гарсија ја доби тесната битка со Елизе Мертенс со 1:6/6:4/7:5 за да обезбеди меч во четвртото коло со третата носителка, Украинката Елина Свитолина.

Scroll to Top