Top Sport

Антикорупциска бара кривично гонење за Наумче Мојсовски поради спортските ваучери

Членовите на Антикорупциска комисија сметаат дека треба да се иницира кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и на членовите на Централната комисија за евалуација на предлог-листите за доделување спортски ваучери. Ова откако е направена тригодишна анализа на начинот на доделување на спортските ваучери.

Членот на Комисијата Владимир Георгиев кој извести за овој проблем, посочи на бројни незаконитости во распределбата на средствата од даночно ослободување, кои изнесуваат околу една милијарда денари годишно. Со ова континуирано во изминатите неколку години се оштетува државниот буџет, како и субјектите кои имало право на овие пари, а поради незаконитостите не ги добиле.

Антикорупционерите ќе побараат и од Владата да се утврди одговорност за лицата именувани од нејзината страна, од Управата за јавни приходи ќе бараат засилен надзор врз спортските федерации, клубови и поединци, корисници на ваучерите, и од Министерството за правда да се изготви нова законска регулатива заради обезбедување услови за поправична распределба на парите.

Scroll to Top