Сингапур во неделата беше домаќин на последната маратонска трка за оваа година. Патеката долга 42,195 километри ја истрчаа и двајца Македонци Атанас Наумов и Ангел Арнаудов.
Временските услови го прават овој маратон еден од најтежките за трчање. Поради високите температури и големата влажност на воздухот маратонската трка почнува да се трча во 4.30 часот наутро.
Годинава учеството на маратонската трка го пријавија 30.000 маратонци од 100 земји, меѓу кои и Македонсците Наумов и Арнаудов.
Наумов го истрча маратонот за 4 часа и 22 минути, а Арнаудов имаше речиси еден час послабо време.
„Ова ми е шести маратон годинава. Не сакав да бркам време, решив да трчам опуштено, особено што е тешко е да се трча во вакви услови. Чувството да се трча во град како Сингапур е како да си на друга планета. Мана на маратонот е што почнува рано наутро и нема публика за бодрење, а самата публика ти дава енергија кога си веќе исцрпен пред целта“, рече Наумов.
„Резултатот е далеку од моето најдобро време, но моја цел овој пат беше да го завршам маратонот, да уживам во Сингапур и успешно да ја затворам годината со маратони“, рече Арнаудов.
И Атанас и Ангел имаат четири медали од настапите на најголемите шест светски маратони (Њујорк, Лондон Берлин и Чикаго) и им останува да ги истрчаат уште маратоните во Токио и Бостон.