Двократната гренд слем шампионка, Викторија Азаренка признава дека кога останала бремена во 2016 година мислела дека тоа значи крај на нејзината кариера, но вели дека по раѓањето на својот син е уште посилна.
Белорусинката беше на шестото место на ВТА листата кога во јули 2016 престана со игра, пред да се врати на спортот во јуни 2017 година.
„Бев многу исплашена и не ми беше лесно. Знаев дека ќе можам да се вратам но првата мисла ми беше: ’Боже, нема да играм тенис повторно’. Благослов е да имаш деца, но уште ја сакав мојата кариера и моите соништа. Знам дека многу жени нема да може да ме сфатат, но јас се чувствував многу подобро по бременоста. Физички многу посилна, и телото ми стана подобро“, вели Азаренка во интервју за „Би-би-си“.
Азаренка и нејзината блиска пријателка, Серена Вилијамс, која стана мајка во 2017 година, се дел од тенисерките кои поведоа кампања за тие кои ќе отидат на породилно отсуство да имаат заштитен рејтинг на ВТА листата. По ова, ВТА ги смени правилата на почетокот на 2019, со што новите мајки ќе имаат право да влезат на 12 турнири во следните три години со својот претходен рејтинг за да избегнат носителки во првото коло.
„Имавме моќ да ги сменим е правилата, и ако не ме паметат по гренд слем титулите, тогаш нека ме паметат по тоа, дека се борев за жените да имаат поголеми права“, изјави 29-годишната Азаренка.