Top Sport

Бајлс се повлекла поради „ментални причини“, може да не настапи повеќе на Олимпијадата!

Американската доминација во женската гимнастика заврши денеска со поразот од Русија во драматичното тимско финале, но проблемите за САД се поголеми, откако се откри дека нивната прва ѕвезда Симон Бајлс се повлекла поради „ментални причини“ и можно е да не настапи повеќе на Олимпијадата.

Се очекуваше дека 24-годишната Бајлс ќе ги предводи САД до ново злато, но таа направи некарактеристична грешка при прескокот, по што беше повлечена од натпреварувањето.

„Океј сум. Само што се справувам со некои работи внатрешно кои мора да ги решам следните неколку дена. Дали сум подготвена за повеќебојот во четврток? Мислам да“, изјави Бајлс по финалето.

Но, Американската гимнастичка федерација објави дека се работи за „неодреден медицински проблем“ и дека Бајлс ќе биде надгледувана пред индивидуалните финалиња.

Оваа драма ја искористи рускиот квартет Ангелина Мелникова, Владислава Уразова, Викторија Листунова и Лилија Ахајмова за да освои злато по двете сребра на последните две Олимпијади, и прво по распадот на Советскиот Сојуз. Русија, настапувајќи под името Руски олимписки комитет (ROC) поради санкциите за Светската анти-допинг агенција (ВАДА) претходно во понеделникот го освои и златото во машка конкуренција, прво од Атланта во 1996 година.

Scroll to Top