Top Sport

Барти е кралица на Вимблдон – поуспешна беше во „финалето на брејкови“

Првопласираната тенисерка на ВТА листата, Ешли Барти е победничка на овогодинешното издание на тенискиот грен слем турнир – Вимблдон.

Предмалку Барти во Лондон ја победи 13-тата светска тенисерка во моментов, Каролина Плишкова со 2-1 (по сетови 6-3 6-7 и 6-3) со што дојде до втората грен слем титула во кариерата. Куриозитет е тоа што Ешли Барти веќе долго време е прва на ВТА листата, а во кариерата до денеска имаше само една грен слем титула, од РГ во 2019 година.

Првиот сет од женското финале донесе возбудлив тенис со дури 5 брејка во осумте гема. Лесно и брзо австралиската тенисерка со два воведни брејка дојде до предност од 4-0, по што следуваше консолидација на чешката противничка за 5-3. Сепак Барти ја задржа концентрацијата и го доби првиот сет со резултат 6-3.

Слична игра и во вториот период, но сега бројот на одземени сервиси на противникот беа помалку, само 2. До 5-5 во вториот сет двете тенисерки по еднаш успеаја да стигнат до брејк.

Тука повторно имаше возбудување. Барти освои поен на сервис на Плишкова и поведе со 6-5. Кога се очекуваше дека на свој сервис Австралијката ќе биде сигурна, чешката тенисерка го возврати брејкот и мечот отиде во тај – брејк.

Таму Плишкова беше поконцентрирана и со 7-4 го освои овој сегмент од мечот, па израмни на 1-1 во сетови.

Третиот сет помина во комплетна доминација на фаворитката. Барти уште во вториот гем направи брејк, кој потоа со стрплива и сконцентрирана игра го претвори во победа и нова грен слем титула – прва за неа на Вимблдон.

На последните 17 грен слем тениски турнири славеа дури 13 различни тенисерки што јасно покажува дека во женскиот тенис нема голема супер ѕвезда во моментов, по престанокот на доминацијата на Серена Вилијамс.

Таа последен пат триумфираше на Австралија опен во 2017 година, а оттогаш до пехарот доаѓаа Остапенко, Мугуруза, Стивенс, Вознијацки, Халеп, Кербер, Осака, Барти, Андреску, Кенин, Швјонтек и Крејчикова на Ролан Гарос минатиот месец. Сега Барти ја прекина таа низа.

Scroll to Top