Ешли Барти стана првата Австралијка со трофеј од Ролан Гарос од 1973 година, откако со 6:1/6:3 ја декласираше чешката тинејџерка, Маркета Вондроушова во едностраното финале.
23-годишната Австралијка во 2014 година ги изненади сите кога се повлече од спортот поради тоа што не можеше да се навикне на животот на ВТА турнејата кој и предизвикуваше депресија. Наместо тенис, таа играше крикет, и беше доволно успешна, пред две години подоцна да се врати на ВТА турнејата.
„Последните три години имав неверојатен пат. И овие две недели беа фнатастични. Играв добар, постојан тенис“, вели Барти.
Барти дојде во Париз без многу очекувања, бидејќи во петте настапи на гренд слемот на земја, имаше само две победи.
Од другата страна, 19-годишната Вондроушова, очигледно беше премногу импресионирана од големото финале, во кое се обидуваше да стигне до само својата втора титула по таа на Бил-Биене опен во април 2017 година. Секако, ова е само најава за една голема кариера.