„Дисквалификацијата на грен-слем турнир е истото како да добиеш црвен картон на важен фудбалски меч на СП. Да го прашате Дејвид Бекам што најлошо му се случило во кариерата, сигурно тоа ќе е инцидентот од 1998, на мечот со Аргентина. Ако Новак Ѓоковиќ за 10 години го прашате истото, тоа ќе е дисквалификацијата од САД опен“.
Ова меѓудругото го пишува во својата последна колумна легендарниот германски тенисер, Борис Бекер кој своевремено му беше и тренер на српскиот тениски ас.
Бекер смета дека „Ѓоковиќ ќе се чувствува посрамотено и фрустрирано, казните ќе се високи, но другиов аспект повеќе ќе боли“.
„Кога работев во неговиот тим, бев во ложата во текот на инцидентот кој се случи на Ролан Гарос во 2016 година, кога Новак го фрли рекетот и за малку ќе го погодеше тенискиот судија. Потоа разговаравме за тоа. Емотивен играч е, затоа освои 17 грен-слем титули. Тој е скромно момче, многу е интелигентен и посветен на семејството и пријателите“ пишува Бекер.
Германецот има и свое објаснување за однесувањето на Србинот.
„Игра во ерата на тениските богови Рафаел Надал и Роџер Федерер. Мислам дека е фрустриран што не е популарен како што се тие“ смета Бекер.
Му порачува на Ѓоковиќ да се фокусира на следниот предизвик – на Ролан Гарос.