Top Sport

Бекер: Лендл е виновен за фијаското на Александер Зверев

Борис Бекер вели дека легендарниот Иван Лендл е најодговорниот за лошата форма на Александер Зверев по уште еден слаб настап на гренд слем турнирите на Вимблдон.

Многумина сметаа дека токму младиот Германец треба да биде предизвикувач на големата тројка Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер и Рафаел Надал (кои ги освоија последните 10 гренд слема), но и тој имаше рана елиминација слично како Стефанос Циципас, Феликс Оже-Алијасим, Данил Медведев, Карен Хачанов и Денис Шаповалов.

Бекер смета дека Лендл е виновен што не бил вистински ментор на 22-годишниот Зверев, откако бил „отсутен“ последните неколку месеци.

„На почетокот на оваа недела изјавив дека ништо не би ме радувало повеќе од тоа да ги видам младите тенисери како стигнуваат барем до полуфинале, но тоа не се оствари. Циципас, Шаповалов и Зверев повторно потфрлија. Нешто им недостасува како група, менторство и менталитет. Го познавам Зверев преку работата во германскиот тенис, и знам дека Иван му помагаше. Но, него го немаше последните два месеци, кога му беше потребен ментор. Зверев мора да се опкружи со луѓе кои знаат што значи да се освои гренд слем, но на вистински начин“, пишува Бекер во колумна за „Дејли мејл“.

Scroll to Top