Борис Бекер е обвинет дека одбива да ги предаде трофеите, вклучувајќи го и трофејот од Вимблдон од 1985 по кој стана суперѕвезда, за да ги подмири своите долгови во Велика Британија по банкротот.
52-годишниот Бекер почна процедура за заштита од банкротирање во јуни 2017 година, и пред судот во Лондон е обвинет дека ги крие информациите за своите сметки и своите поседи кои можат да бидат продадени за да се подмират долговите. Меѓу трофеите кои обвинителите ги бараат се неговиот прв трофеј од Вимблдон и тој од 1989, и трофеите од Австралија опен од 1991 и 1996 година.
Неговото судење почнува во септември 2021 година, а обвинителите тврдат дека по банкротот тој ги „сокрил“ трофеите, и префрлил над милион фунти на други сметки, вклучувајќи ги тие на своите поранешни сопруги Барбара Бекер и Шарлели Лили Бекер, а ги криел и своите акции во компанијата „Брејкинг дата корп“.
Бекер, популарниот „Бум Бум“ освои пет гренд слем трофеи во кариерата и 49 титули во сингл, собирајќи над 25 милиони долари во наградни фондови. Ако е осуден, му се закануваат неколку години во затвор.