Top Sport

Бекер со фалсификат пасош бега од долговите

Прославениот германски тенисер и поранешен тренер на Новак Ѓоковиќ, Борис Бекер, предизвика дипломатски скандал во кој се вклучени и Велика Британија, односно Централноафриканската Република.

Освојувачот на шест гренд слем титули, минатата година прогласи банкрот, откако направил голем долг кон инвестицискиот фонд „Арбутнот Латам“.

Бекер заврши и на суд, а за да го избегне процесот пред судијата тој се повикал на дипломатскиот имунитет.

Наводно тој бил аташе за спорт, култура и хуманитарни активности во Брисел на владата на Централноафриканската Република.

Меѓутоа од оваа земја ги демантираа овие наводи, а министерот за надворешни работи, Шарл Армел Дубан, рекол дека пасошот на Бекер е фалсификат.

„Потписот на пасошот не е мој, а бројот на пасошот е од серијата што е печатена во периодот на транзициската влада од пред четири години. Копија на пасошот на Бекер циркулира на социјалните мрежи. Одо она што го видов заклучив дека тоа е аматерски изработена копија“, рекол Дубан.

Бекер и неговите адвокати се уште не се огласиле по наводите за лажниот дипломатски пасош, кој според информациите од Централноафриканската Република бил изработен за време на граѓанската војна од 2012 до 2014 година.

Scroll to Top