Актуелната шампионка, Холанѓанката Кики Бертенс со 6:1/6:3 ја „збриша“ Казахстаната Елена Рибакина за да ја освои титулата од Санкт Петербург опен.

Холанѓанката пред финалето им се извини на руските навивачи што на турнирот успеа да елиминира дури три руски тенисерки. Следно за Бертенс е дуел со поранешната гренд слем шампионка, Ким Клајстерс во првото коло на турнирот во Дубаи во првиот меч за Белгијката во кам-бекот.

Петтата носителка, Полјачката Магда Линете пак, ја прекина фантастичната низа на швајцарската квалификантка Леони Кунг со 6:3/6:2 победа во финалето на Тајланд опен во Бангкок, за своја втора ВТА титула.

Линете, која лани стигна до полуфиналето во Тајланд, повторно доминираше во финалето на турнирот на кој загуби само еден сет, за да влезе во топ 40 на ВТА листата првпат во кариерата. 19-годишната Кунг пак, го загуби своето прво ВТА финале, но искуството го направи своето.