Поранешната светска тенисерка број 1, Били Џин Кинг влезе во напад на Новак Ѓоковиќ и неговата Асоцијација на професионални тенисери (ПТПА), велејќи дека постои сексизам во организацијата и дека не е сигурна дека тенисерките ќе сакаат да го следат Србинот.
ПТПА се обидува да стане „паралелна“ организација на тенисери во однос на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) и да обезбеди поголем дел од финансиите за тенисерите, и иако Ѓоковиќ најави дека се отворени за соработка и со тенисерките, Кинг вели дека тие никогаш не биле консултирани.
„Тие воопшто не ги прашаа тенисерките. Не зборуваа со мене, ниту со другите сегашни и поранешни тенисерки, така што не им го знам планот. Кога бев на Вимблдон ги прашував луѓето, но никој немаше одговор. Зборуваат за жените само ако ги прашаат, што не е доволно добро. Ѓоковиќ дефинитивно ќе биде најдобриот на сите времиња и тоа е важно, но не сум сигурна дека тенисерите и теисерките ќе сакаат да го следат него“, вели Кинг за магазинот „Њујоркер“.
Таа вели дека ситуацијата не е нова.
„Ако се вратите во 1960-тите, кога конечно добивме професионален тенис, се обидував да ги убедам тенисерите да направиме една асоцијација, за мажите и жените заедно. Тие го одбија тоа. Иако дел од нив беа мои блиски пријатели, не се грижеа за нас тенисерките. Уште е исто, бидејќи на тенисерите не им е грижа за тенисерките. Не гледам дека нешто се сменува“, вели Кинг.