Светскиот рекордер на 100 и 200 метри, Јусеин Болт им делеше совети на австралиските крикет-играчи пред првиот „Ешис“ натпревар против Англија.
Јамајчанецот беше на „Мелбурн крикет граунд“, изгледајќи удобно во улогата на крикет-мајстор, работејќи со Глен Максвел, Ештон Ејгар, Питер Хендскомб и Арон Финч, кои ако не научија нешто од ударите, можеби добија совети како да бидат побрзи.
„Најважната е експлозивноста на стартот, и тоа сум го забележал во крикетот, дека немаат толку експлозивност при трчањето. Како да почнуваат преспоро“, вели 31-годишниот Болт во интервју за весникот „Хералд сан“.
31-годишниот Болт се повлече од атлетиката по Светското првенство во Лондон во август, но вели дека останува зафатен како и претходно, подготвувајќи се за фудбал, откако доби покана да тренира со Борусија Дортмунд.
„Тоа сакам да го направам и се обидувам бргу да се вратам во форма. Мојот доктор ми кажа дека проблемите со бутниот мускул се минато и сега можам да почнам со тренинзи. Следната година ќе се обидам да го исполнам тоа ветување“, вели Болт.
Тест-серијата „Ешис“ (пепел) е традиционален судир меѓу Англија и Австралија, која потекнува по „посмртницата“ на англискиот крикет која беше публикувана во британскиот весник „Спортинг тајмс“ по победата на Австралија на гости кај Англија во 1882 година. Веќе следната година се направи и трофејот, во кој е „пепелта на англискиот крикет“.