Top Sport

Бредли Вигинс е чист, утврдија Британците

Првиот британски шампион на Тур де Франс, Бредли Вигинс вели дека неговиот живот бил „пекол“ во текот на истрагата по тврдењата за нелегални дејствија во британскиот Тим Скај.

Во средата, Британската анти-допинг агенција (УКАДА) потврди дека нема да има обвинувања за „мистериозниот“ медицински пакет кој Вигинс го добил во текот на Критериум ду Дофине трката во 2011 година. 37-годишниот Вигинс, кој во кариерата освои и пет олимписки злата, вели дека чувствувал дека имало „лов на вештерки“.

„Да си обвинет за допинг прекршок е најлошото нешто за било кој професионален спортист. Чувството беше како да има лов на вештерки и ти да си вештерката. Периодот беше вистински пекол за мене и моето семејство, полно со шпекулации и беспредметни обвинувања“, вели Вигинс, кој се повлече од спортот во декември 2016 година.

Обвинувањата беа дека пакетот кој го добил Вигинс содржел недозволени средства, но докторот на тимот, Ричард Фриман тврди дека се работи за легално средство за инхалација, флуимуцил.

Вигинс тврди дека цела кариера се борел со астмата и алергиите, нешто што го призна дури откако руската хакерска групација „Фенси беарс“ објави дека тој добил три медицински дозволи за инјекции на силниот кортикостероид триамсинолон пред важни трки во 2011 и 2012 година.

Scroll to Top