Top Sport

Британски туристи предизвикаа откажување на најстариот спуст на светот

Поради одлуката на кантонот Берн за строги мерки против пандемијата на КОВИД-19, Интернационалната скијачка федерација (ФИС) ги откажа класичните трки на Лауберхорн во Венген, каде што се вози најстариот спуст на светот.

Одлуката беше донесена кратко пред скијачите и официјалните лица да пристигнат во селото Венген, до кое се стигнува само со воз на една шина.

„Одлуката боли многу, бидејќи организациониот комитет заврши многу добри подготовки. Откажување на една од најпрестижните трки на календарот на Светскиот куп мора да разочарува“, изјави Бернхард Арегер, директорот на Швајцарската скијачка федерација.

Според швајцарските медиуми, ситуацијата со КОВИД-19 во Венген се влошила во последните денови, откако британски туристи ја донесоа новата варијанта на вирусот, по што имало позитивни случаи кај персоналот кој ја подготвувал патеката – од средината на декември има 60 случаи во Венген, откако претходно немаше ниту еден случај.

Наместо во Венген, ФИС реши овој викенд да се скија во Кицбил, Австрија, на уште една класична спусташка патека. Кицбил ќе има два викенди едноподруго – два слаломи во сабота и недела, по што ќе има два спуста и супер-џи трка следниот викенд. Класичниот спуст во Ханенкам останува на 23 јануари.

Scroll to Top