Top Sport

Циципас го „зема скалпот“ на фаворитот Медведев во Лондон

Големо изненадување на вториот ден на завршниот Мастерс турнир во Лондон. За него се погрижи грчкиот тенисер, Стефанос Циципас кој во два сета, по голема борба го победи фаворитот, рускиот тенисер Данил Медведев во рамки на групата А во Лондон.

Циципас првиот сет го доби со 7-6. Иако Гркот имаше лош сервис, го доведе сетот до тај-брејк, а таму беше изедначено се до 5-5. Тогаш Циципас успеа да направи мини брејк, а потоа со сигурен сервис стигна до водство од 1-0 во сетови.

И во вториот сет, сервисот на Циципас не беше онаков како што посакува, но тоа не му дозволи на Медведев да стигне до брејк можност. Русинот трипати во вториот сет спасуваше брејк топки, двапати успеа, но при 4-4 во вториот сет, грчкиот тенисер го зема противничкиот сервис, по што во наредниот ја осигура победата.

Циципас има 2 бода во групата А на стартот, а Медведев ќе бара шанса за прогрес против Рафаел Надал и Александер Зверев, чиј меѓусебен меч е вечерва во 21 часот.

Scroll to Top