Top Sport

Дали Крис Фрум ќе „налета“ на бојкот на Тур де Франс?

Петкратниот шампион од Тур де Франс, Французинот Бернар Ино побара велосипедистите да бидат подготвени за бојкот на овогодишната трка доколку на четирикратниот шампион Крис Фрум му биде дозволено да се натпреварува.

Случајот околу позитивниот тест на Фрум на минатогодишната Вуелта Еспања на салбутамол, средство за астма уште нема свое финале, откако Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) не решила дали да го казни, или да ги земе во предвид олеснителните околности, односно астмата која ја има Британецот.

33-годишниот Фрум минатиот месец стана првиот Британец со титула на Џиро Д’Италија и само седми велосипедист во историјата кој успеа да победи на трите најголеми трки на светот (ТдФ, Вуелта, Џиро), а во моментов е актуелен шампион на сите.

Од тимот на Фрум, Скај, велат дека се работи за „разочарувачки и неточни коментари околу случајот“, и дека Ино не ги разбира околностите во случајот.

„Велосипедистите треба да се симнат од велосипедите и да одат на штрајк. Ако тој стартува, тие да не стартуваат. Другите беа казнети и сите се согласуваа, но нема да го казнат него бидејќи не се работи за позитивен случај, туку за ’неправилни резултати’. Не може така. Кристофер Фрум не треба да е на стартот на Тур де Франс бидејќи едноставно имаше позитивен тест. Луѓето од УЦИ требаше да го решат тоа“, изјави 63-годишниот Ино за францускиот весник „Ест Франс“.

Тур де Франс почнува на 7 јули.

Scroll to Top