Австриецот Винсент Крихмаер стигна до својата деби победа на Светскиот куп во алпско скијање на 26 години, откако ја „скроти“ патеката „Брдс оф преј“ во Бивер Крик за изненадувачки триум во петочната супер-џи трка.
На релативно рамна патека во Колорадо, тие со пониски стартни броеви беа во предност и Крихмаер успеа да стигне до прва победа со време од 1:09.71, пред актуелниот шампион од СК во дисциплината, Норвежанецот Кјетил Јансруд (1:09.94) и австрискиот ветеран Ханес Рајхелт (1:10.04), кој имаше четири супер-џи победи на истата патека.
Крихмаер претходно имаше само три подиуми во кариерата – два во Квитфјел, Норвешка во 2015 (спуст) и 2016 (супер-џи) и едно трето место во супер-џи во Џеонгсен, Јужна Кореја, на патеката на која ќе се вози олимписката трка во февруари.
„Конечно! Лани бев блиску, но сега сум во подобра форма. Ова е една од најдобрите супер-џи патеки на светот и тука победуваш само со апсолутен напад. Насмевката не заминува“, вели скијачот кој е крстен по Винсент ван Гог.