Одличниот настап на Мастерсот во Париз му донесе на Жулиен Бенето повик во француската Дејвис куп репрезентација за финалето против Белгија.
Бенето ќе игра покрај Жо-Вилфрид Цонга, Лукас Пуј, Никола Мау, Пјер-Иг Ербер и Ришар Гаске, одлучи капитенот Јаник Ноа. Сите во тимот имаат барем еден настап за Франција оваа година.
„Имаме компактен тим. Шесте тенисери се способни да ја преземат одговорноста и да играат кога ќе биде потребно. Жулиен си го заслужи повикот, бидејќи не изненади сите“, вели Ноа.
Се очекува 15-рангираниот Цонга и 18-рангираниот Пуј да го предводат сингл-тимот, додек Бенето и Гаске би биле замени, а Ербер и Мау се специјалисти за игра во двојки.
Во белгискиот тим пак, лидер е осморангираниот Давид Гофан, кој настапува на АТП финалето во Лондон, заедно со Стив Дарси, Рубен Бемелманс и Артур де Греф, односно истиот состав кој ја победи Австралија во полуфиналето. Јорис де Лоре ќе патува во Лил за финалето и покрај долгата пауза поради повреда.
„Нашите ривали ќе сметаат на добра игра на еден играч. Мислам дека сме способни да го победиме нивниот број 1 ако играме како што треба“, вели Ноа.
Деветкратните шампиони Франција се домаќини на „Стад Пјер-Моро“ во Лил од 24 до 26 ноември. Во септември на овој стадион се постави рекорд според посетеноста за Дејвис куп дуел, со 48.000 гледачи во трите дена. Франција ги загуби последните три финалиња (2002, 2010 и 2014) и ја брка првата титула од 2001 година. Белгија е во финалето вторпат во последните три години и уште нема трофеј од Дејвис купот. Тие немаат победа во Франција од 1952 година.