Легендарниот шпански тренер Висенте дел Боске има совет за најбрзиот човек на светот, Јусеин Болт, кој се обидува да направи фудбалска кариера во австралискиот клуб Централ Коуст маринерс – играј во одбрана!
Осумкратниот олимписки шампион, кој уште е светски рекордер на 100 и 200 метри, на крајот на март дебитираше со 20 минути игра за Маринерс во пријателски меч на својата омилена позиција – лево крило, но немаше најдобар учинок.
Дел Боске, кој осум години беше шпански селектор и им ја донесе светската титула, вели дека Болт може да го искористи својот сон, иако има 32 години.
„Тој убаво би се вклопил во тим кој оди на контра-напади и бргу го отвара просторот. Тоа би било можно. Но, со неговите физички квалитети, тој подобро би се снашол во одбраната. Би бил бек кој покрива голем простор, но тука е проблемот со физичката издржливост, иако не се сомневам дека е добро подготвен. Да се почне со фудбалот на 32 години не е нормално, но тој има освоено многу во тие 32 години и го заработи правото да сака да биде фудбалер“, вели Дел Боске.