Францускиот шампион, Пари Сен-Жермен стана првиот фудбалски клуб кој креирал сопствена крипто-валута, по договорот со „socios.com“ онлајн-платформата.

Цената на новата валута уште не е откриена, но со неа, фановите на францускиот клуб ќе можат да бидат вклучени во одлуките на клубот преку анкети на мобилните телефони. Во исто време, тие ќе можат да добијат пристап до награди, ексклузивни материјали и искуства. Ова е уште еден детаљ од стратегијата на клубот за подобра интеракција со своите навивачи.

„Секогаш сме меѓу првите во дигиталната иновација, така што не можевме да останеме на страна во крипто-валутите и поволностите кои ги нудат. Револуционерната технологија ќе има влијание на бизнис-стратегијата на клубот и на односите со насите навивачи“, изјави Марк Армстронг, одговорниот за спонзорства во ПСЖ.

Пари Сен-Жермен, од клуб со мала историја (формирани се во 1970 година со фузија на два локални клубови – Париз ФЦ и Стад Сен-Жермен) прераснува во вистински џин на глобалната фудбалска сцена по преземањето од страна на „Катар спортс инвестмент“ во 2011 година.

Оттогаш ПСЖ освои пет од своите седум титули во Франција, ги донесе двајцата најскапи фудбалери на светот – Нејмар од Барселона за 222 милиони евра, и Килијан Мбапе од Монако за 180 милиони евра, и оваа сезона ќе се обиде да стигне до сонот – титула од Лигата на шампионите.