Top Sport

Дел Боске: Јусеин Болт треба да игра во одбрана

Легендарниот шпански тренер Висенте дел Боске има совет за најбрзиот човек на светот, Јусеин Болт, кој се обидува да направи фудбалска кариера во австралискиот клуб Централ Коуст маринерс – играј во одбрана!

Осумкратниот олимписки шампион, кој уште е светски рекордер на 100 и 200 метри, на крајот на март дебитираше со 20 минути игра за Маринерс во пријателски меч на својата омилена позиција – лево крило, но немаше најдобар учинок.

Дел Боске, кој осум години беше шпански селектор и им ја донесе светската титула, вели дека Болт може да го искористи својот сон, иако има 32 години.

„Тој убаво би се вклопил во тим кој оди на контра-напади и бргу го отвара просторот. Тоа би било можно.  Но, со неговите физички квалитети, тој подобро би се снашол во одбраната. Би бил бек кој покрива голем простор, но тука е проблемот со физичката издржливост, иако не се сомневам дека е добро подготвен. Да се почне со фудбалот на 32 години не е нормално, но тој има освоено многу во тие 32 години и го заработи правото да сака да биде фудбалер“, вели Дел Боске.

Scroll to Top