Хуан Мартин дел Потро не успеа да освои втора титула од Флешинг Медоуз, откако загуби од Новак Ѓоковиќ во неделното финале, и сега типува дека Србинот ќе го помине Роџер Федерер и неговите 20 гренд слем титули.
31-годишниот Ѓоковиќ сега има 14 гренд слема, поминувајќи го Пит Сампрас со кого беа израмнети на 13, и сега заостанува само три зад Рафа Надал и шест зад Федерер.
„Секако дека може! Веќе има 14 гренд слем титули, а оваа година ова му е втор трофеј. Има одличен тим зад себе, подготвен е физички и психички. Се надевам дека тој, Рафа и Роџер ќе продолжат да се борат за гренд слем титули, бидејќи е многу добро да се гледа тој историски момент. Ние? Ние ќе правиме што можеме против нив, но Новак мислам дека има најмногу шанси да ги сруши сите рекорди во тенисот“, изјави Аргентинецот.