Светскииот рекет број 4, Хуан Мартин дел Потро ќе игра во своето четврто финале оваа сезона, откако со 6:3/7:6(6) го совлада Дамир Џумхур во полуфиналето на Лос Кабос опен во Мексико, а за титулата ќе се бори со Италијанецот Фабио Фоњини, кој лесно со 6:4/6:2 го победи Британецот Камерон Нори.
Аргентинецот, кој е израмнет со Рафа Надал со 35 победи во 2018 година, веќе победи на Акапулко опен, и може да стигне до трета титула во една година по петти пат во кариерата. Против Џумхур, Делпо имаше одличен прв сет, и беше блиску да го комплетира триуфмот при 5:4 во вториот, пред 26-годишниот Босанец да се врати импресивно и да примора тај-брејк.
„Битката беше интересна, а мислам дека двајцата игравме навистина добро во вториот сет. Направив многу грешки, но потоа бев умен во тај-брејкот. Супер е да си во ново финале“, вели Дел Потро.
Фоњини исто така има една од најдобрите сезони во кариерата за да се бори за трета АТП титула оваа година. 31-годишниот Италијанец победи во Сао Пауло и Бастад оваа година и сега ќе оди на прва титула на хардкорт подлога.