Top Sport

Делпо и Конта во второто коло на „Ол Ингланд клубот“

Петтиот носител, Хуан Мартин дел Потро без мака влезе во второто коло на Вимблдон, откако со 6:3/6:4/6:3 го победи Германецот Петер Гојовчик.

29-годишниот Аргентинец, кој беше полуфиналист во Лондон во 2013 година, имаше мала нестабилност во вториот сет, но неговиот противник не успеа да го искористи тоа, и сега ќе се сретне со шпанскиот ветеран и специјалист за игра на трева, Фелисијано Лопез во второто коло.

36-годишниот Лопез го помина рекордот на Роџер Федерер од 65 настапи едноподруго на гренд слем турнири со 6:3/6:4/6:2 победа над Федерико Делбонис. Лопез, кој има три четврт-финалиња на Вимблдон, нема пропуштено гренд слем од дебито на Ролан Гарос во 2002 година.

Во второто коло е и Кеи Нишикори по 6:2/4:6/7:6(3)/6:2 победата над Американецот Кристијан Херисон за 348. победа во кариерата. 24-годишниот Херисон дебитираше на гренд слем турнирите откако успеа да ги мине квалификациите (тој е на 198. место на АТП листата).

Во следното коло, Нишикори ќе се судри со Бернард Томич, откако Австралиецот, кој исто така ги мина квалификациите, лесно со 6:4/6:2/7:6(2) го победи Полјакот Хуберт Хуркач.

Без Енди Мареј, домашните фанови ќе се надеваат дека на Џоана Конта ќе и тргне подобро, откако таа се намачи за 7:5/7:6(7) победа над младата Русинка Наталија Вихљанцева. Конта лани стана првата Британка во полуфиналето на Вимблдон од 1978 година.

Следна за Конта е Доминика Цибулкова, словачката тенисерка која не е носителка на турнирот откако организаторите решија да ја „кренат“ Серена Вилијамс. Таа со 7:6(4)/6:1 ја победи Французинката Ализе Корне.

Фото: ЕПА

Scroll to Top