Бидејќи е практички невозможно Хабиб Нурмагомедов да биде подготвен за УФЦ-пресметката на годината со Тони Фергусон, УФЦ почнала со преговори со Џастин Гетџи за да го замени на дуелот кој фановите по петти пат го гледаат како се одложува.
Нурмагомедов призна дека поради ограничувањето на патувањата од Русија, тој нема да може да се врати во САД за дуелот со Фергусон на 18 април, и „ЕСПН“ тврди дека Џастин Гетџи е првиот избор на Дејна Вајт. Гетџи беше кандидат за дуел со Конор Мекгрегор, но сега има подобра понуда. Гетџи и Нурмагомедов, инаку, имаат ист менаџер, Али Абделазиз, така што се верува дека ќе се дојде полесно до договор.
Доколку не успеат да се договорат, двајца УФЦ фајтери веќе го покажаа својот интерес. Хорхе Масвидал на Твитер напиша дека е слободен на 18 април, а Дастин Поаире, последниот противник на Нурмагомедов, исто така на Твитер се јави дека е подготвен за дуел.