Холанѓанецот Том Думулин е првиот носител на „маља роса“ откако триумфираше на првата етапа на Џиро Д’Италија во Ерусалим, додека Крис Фрум имаше проблематичен старт на италијанската тринеделна класика по падот на тренингот неколку часа пред стартот на трката.
Актуелниот шампион Думулин (Санвеб) продолжи каде што застана минатата година, со фантастични перформанси на тешката патека од 9.7 километри за да ја освои розевата маичка со време од 12:04, две секунди побрз од Австралиецот Роан Денис (БМЦ) и Белгиецот Виктор Кемпенартс (Лото).
„Ова беше сѐ што посакував – победа и доста предност пред другите ривали во генерален пласман. Совршена рута за мене, многу техничка, со многу кривини. Навистина совршен почеток“, изјави 27-годишниот Думулин.
Фрум, кој е еден од специјалистите за трки на хронометар, загуби дури 37 секунди од ривалот, откако изгледаше неудобно и не успеа да го најде ритамот на својот прв настап на Џирото од 2010 година. Британецот е под дополнителен притисок откако неговиот случај со позитивниот тест на салбутамол уште не е разрешен.
Фрум, кој се обидува да биде носител на трите големи титули во исто време (веќе е актуелен шампион на Тур де Франс и Џиро Д’Италија), одби да зборува со новинарите по крајот на етапата.
Фото: ЕПА