Ентони Џошуа вели дека ВБО шампионот во тешка категорија, Џозеф Паркер и неговиот промотер се „само добри актери“, предупредувајќи го дека веќе почнал со подготовките за мечот.
Британскиот ИБФ и ВБА шампион, Џошуа, се надева дека ќе се договори со Новозеланѓанецот Паркер за меч на почетокот на следната година за да може да почне со тренинзи во јануари, за до крајот на годината да добие шанса да влезе во рингот и со ВБЦ шампионот, Американецот Дионтеј Вајлдер.
„Изгледа дека во моментов сега сите само зборуваат. Има разлика меѓу зборување, и добри актерски вештини, но преговорите не се водат преку социјалните мрежи. Затоа нека ги забрзаат преговорите“, вели Џошуа.
Запрашан за тешкотиите за организирање на меч на „Вембли“, бидејќи таму оваа сезона играат Тотенхем, Џошуа се налути.
„Тоа не е моја работа! Работам со професионалци кои ги средуваат работите. Зарем треба да му се јавам на Хери Кејн и да го прашам за место? Јас тренирам и сакам да го нокаутирам следниот противник. Менаџерите и промотерите имаат своја работа“, додава Џошуа.