Ентони Џошуа ќе боксува со Џозеф Паркер во меч за обединување на титулите во тешка категорија откако двата „кампа“ се согласија за условите, од кои најважниот беше распределбата на парите од мечот.
Новозеланѓанецот Паркер се согласи дека како непоразен ВБО шампион ќе добие од 30 до 35 отсто од парите, додека Џошуа, ИБФ и ВБА шампионот ќе добие речиси две третини. Ова беше главната „сопка“ во преговорите, откако промотерот на Џошуа, Еди Херн инсистираше Паркер да остане само на 25 отсто.
Сега се очекува промотерот на Паркер, Дејвид Хигинс да летне за Лондон за да се договори датумот и локацијата за мечот. Паркер веќе изјави дека сака да се врати во Британија на меч откако ја одбрани ВБО титулата против Хјуи Фјури (братучед на Тајсон Фјури) во Манчестер во септември. Меч во Британија ќе донесе многу повеќе пари поради статусот на ѕвезда на Џошуа, кој не би имал проблем да боксува повторно на „Вембли“ или на „Принсипалити“ во Кардиф.