Шампионката од Вимблдон од 2019 година, Симона Халеп се пласираше во четврт-финалето на гренд слемот, доминирајќи против Шпанката Паула Бадоса со 6:1/6:2 за точно еден час, покажувајќи дека е една од најсериозните кандидатки за титулата во Лондон.
Романката, која е 16. носителка на турнирот, се појави на „Централниот терен“ на Вимблдон првпат по освојувањето на титулата во 2019 година, за да доминира против светската тенисерка број 4 од почеток до крај. Халеп направи пет брејка во текот на мечот, погодувајќи 17 директни победнички топки и правејќи само 9 неизнудени грешки.
„Денеска не бев толку нервозна, и беше прекрасно да се вратам на овој терен. Ми недостасуваше Вимблдон. Три години се многу… Секогаш е задоволство да се игра тука“, изјави Халеп.
За место во полуфиналето, Халеп ќе се бори со 20. носителка, Американката Аманда Анисимова, која исто така лесно со 6:2/6:3 ја стопираше низата од соништата на Французинката Хармони Тан.
Најнеизвесно беше во дуелот помеѓу Австралијката Ајла Томљановиќ и Французинката Ализе Корне, каде што Томљановиќ стигна до 4:6/6:4/6:3 победа за да обезбеди дуел со Казахстанката Елена Рибакова.