Легендата на НБА лигата, Мајкл Џордан вели дека неверојатниот кам-бек на голферот Тајгер Вудс, кој минатиот викенд го освои Мастерсот во Џорџија за прва гренд слем титула по 11 години, е најголемиот кам-бек во историјата.
Џордан, кој е познат по својот кам-бек во НБА лигата по едногодишната авантура во безбол лигата, вели дека му се јавил лично да му честита на Вудс.
„Јас паузирав две години за да играм безбол, но тоа не може да се спореди со Тајгер. Сигурен сум дека тој имал многу сомнежи во овој период и дека напорно работел. Мораше да ја смени играта, да ја смени перспективата. За мене, тоа е најголемиот кам-бек“, вели Џордан.
Вудс паузираше од декември 2009 до април 2010 по брачните проблеми и разводот со сопругата Елин Нордгрен која го фати во неверство, потоа поголемиот дел од 2014 до 2017 го помина во аут со четири операции на грбот. Со ова тој испадна од топ 1.000, но полека се враќаше во форма победувајќи на Тур шампионатот во септември 2018 пред неверојатниот успех во Огаста.
„Јас не верував дека ќе се врати. Физички мислам. Никој не го очекуваше ова, и тој е најверојатно единствениот кој ја имаше вербата. Тоа е достигнување. Ментално можеш да мислиш дека си подготвен, но физичкиот дел е потежок“, вели Џордан.