Top Sport

Ефимова ја победи Меилутите, Миреси „крал“ на 100 слободно (видео)

Руската пливачка ѕвезда, Јулија Ефимова заостануваше по 50 метри зад Литванката Рута Меилутите, но на крајот имаше фантастичен финиш за да ја освои европската титула на 100 метри градно на ЕП во Глазгов.

На крајот, Ефимова имаше време од 1:05.53, соборувајќи го рекордот на шампионатите (1:05.87) кој го постави во полуфиналето, но не успеа да биде подобра од сопствениот светски рекорд од 1:04.98.

Олимписката шампионка од 2012, Меилутите беше втора со 1:06.26, додека бронзата отиде кај Италијанката Аријана Кастиљони. Победата на Ефимова не беше пречекана најдобро од публиката, бидејќи контроверзната Русинка се натпреварува иако во кариерата имаше две допинг-суспензии.

Италија, сепак, освои злато откако Алесандро Миреси направи изненадување во трката на 100 метри слободно, освојувајќи го златото во последните 15 метри од трката пред Британецот Данкан Скот и Французинот Мехди Метела. Во финалето отсуствуваше најдоброрангираниот пливач во дисциплината, Русинот Владимир Морозов, откако тој беше елиминиран во полуфиналето.

Домаќините можат да се пофалат со ново злато, откако Џорџија Дејвис триумфираше на 50 метри грбно со 27.23, пред руската ветеранка Анастасија Фесикова и Финката Мимоза Џалоу.

ЕП ВО ПЛИВАЊЕ, 3.ДЕН

1.500 М СЛОБОДНО (М)

1.Флоријан Велброк (Гер) 14:36.15

2.Михајло Романчук (Укр) 14:36.88

3.Џорџо Палтриниери (Ита) 14:42.85

100 М СЛОБОДНО (М)

1.Алесандро Миреси (Ита) 48.01

2.Данкан Скот (Бри) 48.23

3.Мехди Метела (Фра) 48.24

100 М ГРАДНО (Ж)

1.Јулија Ефимова (Рус) 1:05.53

2.Рута Меилутите (Лит) 1:06.26

3.Аријана Кастиљони (Ита) 1:06.54

50 М ГРБНО (Ж)

1.Џорџија Дејвис (Бри) 27.23

2.Анастасија Фесикова (Рус) 27.31

3.Мимоза Џалоу (Фин) 27.70

200 М ПЕПЕРУТКА (М)

1.Криштоф Милак (Унг) 1:52.79

2.Тамаш Кендреши (Унг) 1:54.36

3.Федерико Бурисо (Ита) 1:55.97

Scroll to Top