Top Sport

Ексклузивно со Матс Виландер: Федерер е симфониски диригент, а Ѓоковиќ игра поедноставно

Од Лондон, Ненад Живановски

Матс Виландер, жива легенда на тенискиот спорт. Поранешен број еден и седмократен освојувач на гренд-слем турнирите. Последниве години, ангажиран како стручен коментатор за тенис на „Евроспорт“. Колку неговата тениска кариера е блескава, толку новинарскиот ангажман му е следен со контроверза. Барем кога е во прашање односот на публиката од нашиот регион за ставовите кои Виландер ги изнесуваше за Новак Ѓоковиќ на почеток од неговата кариера. Овој разговор беше можност да се добие објаснување и за тоа.

Сепак, и во улога на новинар, Матс ги задржал главните карактери особини кои ги имал како тенсиер. Не е суетен, нема предрасуди и претенциозност, и секогаш е подготвен за разговор со своите „колеги“, излегувајќи им во пресрет за интервју, анализа, совет. Во мојот случај, неговата колегијалноста беше и над очекуваните граници: интервју планирано да трае десетина минути, спонтано се продолжи на половина час. Без никакво негово негодување или вртење со очите за уште едно и уште едно прашање. Напротив, трпеливо одговараше, иако постоеше реален ризик да задоцни во својата програма на „Евроспорт“.

– Колега Матс или господине Виландер, како го оценувате текот на турнирот до сега? Дали има некој резултат што ве изненадил?

„За мене најголемо изненадување е што Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ на 36 и 35 години сè уште играат на Вимблдон и се во полуфиналето. Тоа е неверојатно да имаме тенисери во средните триесетти и да бидат фаворити да победат на турнирот. Не само овдека, туку на сите четири гренд слемови. Тоа сега не е изненадување, но ако ме прашавте пред пет години тогаш би било незамисливо вакво нешто да се очекува. Тоа е за мене изненадувањето, но, воедно, и воодушевување како можат тие сè уште да го прават тоа на така врвно ниво. Во женската страна тоа го немаме. Мажите играат подолги мечеви, а сè уште се витални. Тоа ме воодушевува најмногу. Јас кога го видов Рафаел Надал на Ролан Гарос во 2005., никогаш не помислив дека тој ќе игра на Вимблдон 2022.

Во врска со прикажаната игра, изненаден сум што сè уште се игра на основната линија, да бидам искрен повеќе би сакал играчите да излегуваат на мрежа, сервисот да биде малку побрз, и опцијата да се игра сервис-волеј да биде многу поприсутна.

– Раната елиминација на Ига Швјонтек не е изненадување за вас?

„Не, воопшто не е изненадување за мене. Јас ја гледав на Ролан Гарос трипати, таа двапати победи на овој грен-слем, но тоа ништо не ви значи на Вимблдон. За Ига најголем проблем беше нејзиното движење, таа не можеше да игра на трева како на тврда подлога. Таа е премногу млада, за да игра на трева ѝ требаат уште неколку години искуство. Но, тоа важи за секој млад играч, дека му треба доволно искуство за да игра на трева. Сепак, сигурен сум дека Ига ќе биде шампион на Вимблдон еден ден.

– Да се вратиме на машкиот дел од турнирот. Има доста контроверзи околу повредата на Рафаел Надал. Денеска се огласи и Фабио Фоњини, кој рече да не се верува сè што ќе каже Надал.

„Воопшто не ме интересира што кажал Фоњини… Повредите се составен дел од тенисот и секој кој игра тенис може да биде повреден.

– Сепак, и лекари кои се експерти за повреда каква има Надал, тврдат дека не е можно да се игра тенис на такво ниво со таква повреда, и дека таа вообичаено ги напаѓа двете нозе, а не само едната.

„Не, не, не…! Со таква повреда не е можно да сервирате јако, како што вообичаено сервира Надал. Но, тој трча добро. Факт е дека неговите сервиси потешко ги изведува. Има голема разлика кога сте повредени и не можете да се движите и кога имате повреда поради која послабо сервирате. За мене нема никаква контроверза околу повредата на Надал. Тој веруваше дека може да го победи Тејлор Фриц во четвртфиналето и ако не може да сервира сто проценти од своите можности. Тоа ви кажува колку Рафаел Надал е добар и е вистинско чудо како тој најде начин да го добие мечот. За мене не е дебата контроверзноста на повредата на Надал, туку вистинска дебата треба да се води како Фриц не успеа да победи противник кој не може да сервира со сто проценти од својот капацитет. Погледнете ги фудбалерите, противникот ќе гу шутне, сопне, тие ќе се превиткуваат, но ќе продолжат да играат. Тоа е спорт, го правиш најдоброто со она што го имаш иако не си 100 проценти подготвен.

– Каква импресија ви остана од мечот Стефанос Циципас и Ник Кириос? Наместо тенис, тоа наликуваше како да ќе гледаме стрит фајт.

„Мојата импресија се однесува на она што Ник го прави за тенисот со тенискиот рекет. И во тоа е многу добар. Тој има еден од најприродните сервиси што било кога сум ги видел и има неверојатно разбирање на играта, се движи одлично, антиципацијата на играта му е, исто така, извонредна. Тоа е сè. Остатокот е надвор од нашата моќ.
Сепак, најблаго оценето, невообичаена појава за тенисот е Кириос?

„И во минатото имавме многу одлични тенисери кои беа на граница да ги прекршуваат правилата. Сетете се на Џон Мекинро, Џими Конорс, Илијан Настасе. Дали јас сакам секој да биде како Ник Кириос, или како Новак Ѓоковиќ, или како Рафа Надал или Роџер Федерер? Не! Имате милион луѓе, со милион различни карактери и персоналити. Предизвикот со некој како Ник Кириос е предизвик за родителите и тренерите да ги научат децата да разберат што е добро кај Ник, но и кај Новак, Рафа, Роџер, а што не сакам моето дете да прави. Дали сакам да биде повеќе како Надал кога игра тенис и кој се бори за секоја топка и покажува позитивна емоција, или да биде тивок како Новак, но да прави подготовки и загревање како него. Или, пак, да игра со тенискиот рекет како Федерер или сакате да сервира како Ник Кириос. Што се однесува за Циципас, мислам дека тој не беше подготвен за тој хаос меч на Ник Кирјос.

– Со оглед дека доаѓам од Македонија, која е дел од регионот на поранешна Југославија, морам да ве прашам како гледавте на коментарите кои доаѓаа на почетокот на кариерата на Новак дека не го сакате, дека во вашите коментари сте премногу критичен кон него и дека ги фаворизирате Надал и Федерер?

„Исто како и за Ник Кирјос, ќе повторам дека треба да ги одделите карактерот на играчот од она што тој го прави играјќи тенис. Треба да го одделите Новак како личност од она што го правел како играч на 19 годишна возраст и сега. Или Роџер Федерер како личност со неговото однесување на 14 или 15 години, кога ги кршел рекетите, а неговите родители му се заканувале дека нема повеќе да игра тенис бидејќи нема рекети. И тоа не се однесува ниту за Новак, ниту за Надал ниту за Федерер. Тоа се однесува на играч кој мора да го подобри својот говор на тело. Тоа не е лично за Новак, Федерер, Кирјос, Надал. Тие се тенисери и можат да се однесуваат како сакаат, но тенисот е спорт кој произвел личности како Били Џ. Кинг. Таа има сторено за женската еднаквост во САД и остатокот од светот многу повеќе од било која друга жена што можела да направи. Зошто? Зашто го имала тенисот како платформа. Артур Еш, исто така, направи многу во неговиот ангажман, бидејќи беше тенисер. Тенисот може да го направи светот подобро место. Ние сакаме да имаме тенисери кои ќе бидат инспирација и водечки модел и кои ќе го третираат тенискиот спорт со почит. Тоа не е лично ниту за Новак ниту за Ник. Заборавете го Новак од минатото, погледнете го Новак сега. Тој е најголемиот амбасадор на спортот во светот. Тој е неверојатен, одличен играч, можеби ќе биде и најдобар на сите времиња. Неговото однесување е неверојатно добро. Неговите интервјуа се неверојатно содржајни. И вие сакате сега да се вратиме назат, што правел Новак на деветнаесет години, и да го споредувате со сега? Тој имал само 19 години и тоа нема врска со Новак, со Србија, со вашиот регион. Затоа, луѓето се збунети ако во минатото не ја воочувале конструктивната критика. Тоа е како со дете. Морате да му речете да не ја фрла храната на под, туку да ја однесе во кујна. Инаку, како самото ќе го знае тоа на пет годишна возраст?! Така и кога ќе дојдете на турнир на 18-19 годишна возраст, вие морате да ги следите правилата кои го прават тенисот така голем спорт. Прашајте го Новак сега што мисли за тенискиот спорт. Видете го како се однесува на Централ Кортот. Тој е комплетно друга личност. Последно што може да ми се префрли е дека не го сакам Новак. Напротив, токму спротивното. Во моите очи јас немам видено друг тенисер со толку позитивен напредок во однос на говорот на тело од Новак Ѓоковиќ. Тоа е она што јас со години го зборувам за Новак, но некои не сакаат да го слушнат тој дел. Тенисот како спорт е многу повеќе отколку што се Новак, Рафа, Федерер. Тенисот е спорт кој мораме да го заштитиме! Тенисот е традиција, тенисот е начин како да ги воспитувате децата преку спорт. И ако го изгубиме тоа, тогаш подобро да играме пеинтбол или покер.

– Сепак и со толку голем позитивен напредок, Новак како да не е прифатен од публиката како Надал или Федерер. Според популарноста, како постојано да е во нивна сенка.

„Ајде, прво да тргнеме кој како игра. Дали некој друг може да биде популарен како Федерер според тоа како игра? Не! Роџер Федерер е симфонсики диригент според играта. Тоа е креативна перфекција. Новак на многу поедноставен начин го игра тенисот. Неговото движење е неверојатно, изгледа како топчето да не може да му избега. Дали е тоа воодушевувачко за публиката? Не е. Федерер е повеќе од уметник за луѓето. Како играч, Новак ги прави истите работи како Федерер, но Федерер ги прави на начин луѓето да бидат воодушевени. Тоа е разликата меѓу нив двајца. Од своја страна, Надал има неверојатна емотивна страст која сака да ја покажува цело време. И тоа предизвикува емотивна реакција и кај луѓето. И тогаш го имате Новак кој е многу потивок, го нема флертот на Федерер и неговата артистичност. Федерер не личи на човечко суштество. Новак личи на човечко суштество кое е неконтролирано во секоја ситуација. За мене е многу поимпресивно кога изгледате неконтролирано како Новак, отколку како Федерер или Рафа. Но кога ќе дојдете до однесувањето и држењето, тоа е до публиката, тоа предизвикува емоции кај луѓето и затоа некои го сакаат Новак, некои Роџер а некои Рафа.

– Значи дека публиката се раководи само според своите спортски преференции?

„Во минатото имавме двајца тенисери кои беа најпопуларни на сите времиња. Имавме неверојатни финалиња 2007. и 2008. и луѓето беа сетирани и подготвени за тоа ривалство како за Бјерн Борг и Џон Мекинро. И оддеднаш се појави нов лик кој ги наруши сите очекувања да се гледаат мечеви само меѓу Роџер и Рафа. Но, проблемот не беше зашто тоа беше Новак, туку зашто се појавил трет човек кој го прекинал ривалството во тој момент меѓу двајцата најдобри тенисери. Токму поради тоа што се случи на Вимблдон 2007. и 2008., сите беа подготвени да ги гледаат Рафа и Роџер во сите финалиња во наредните десет години. Луѓето купуваа билети да ги гледаат Рафа и Федерер во финалињата, а, сепак, Новак ги победуваше. Можеби Новак беше несреќникот, но која год друга личност да беше, исто ќе поминеше бидејќи го нарушила сонот на љубителите на тенисот.

– Сепак фановите на Ноле од мојот регион, па, дури и таткото на Новак, се убедени дека Новак не е прифатен од западната публика бидејќи доаѓа од непопуларната Србија, од Балканот, дека на Западот сè уште постои убедување за нивната супериорност во однос на остатокот на светот, а тенисот е господски спорт резервиран за високиот сталеж, а не за плебсот. Што мислите за ваквото размислување?

„Би го проширил прашањето што мислам за неиграњето на Русите на Вимблдон!? Ако ги гледате и обвинувате луѓето според тоа каде се родени, тогаш мислам дека имате проблем. Можеби тоа е локално прашање за вас, но јас немам идеја што да ви одговорам. Јас не ги гледам играчите и Новак од која држава доаѓаат, туку како се однесуваат на теренот и што имаат сторено за тенисот. Запомнете што ќе ви кажам: ако Новак продолжи да чекори на начинот како чекори, тој ќе биде еден од најпочитуваните професионални спортисти и човечко суштество кое било кога сме го виделе.
– Какво финале очекувате во недела? Посакувате ли финале од соништата Новак-Надал?

„Немам идеја бидејќи не ја знам ситуацијата со Надал. Невозможно е да се предвидува. Ако Новак и Рафа играа утре, Новак ќе победеше деведесет проценти. Секако дека сакам да ги видам во финалето во недела двајцата, но сакам да видам и нови лица.

– Како гледате на животната драма низ која поминува вашиот колега Борис Бекер?

„Исусе! Не знам колку многу можам да го поддржам Борис Бекер. Ние сме пријатели, а луѓето прават грешки.

Текст и фото од Вимблдон: Ненад Живановски

Scroll to Top